
Во рамките на 9. коло од Регион 3, фудбалерите на Малеш освоија бод на гостувањето против Хоризонт Турново, одигрувајќи 1:1 на теренот во Спортскиот центар „ПАНДЕВ“ во Струмица. Првиот дел од средбата заврши без погодоци, со резултат 0:0.
Во второто полувреме домашниот тим остана со играч помалку откако Шилинов заработи втор жолт картон во 57'. И покрај тоа, Хоризонт Турново поведе во 60' со голот на Јованов. Малешевци одговорија во 74' кога Т. Мичковски погоди за израмнување на 1:1 и го постави конечниот резултат на средбата.
Главен судија на натпреварот беше Јордан Јовановски. За Малеш од првата минута настапија Вагадински, Б. Јакимовски, Чукарски, Андреевски, Б. Мичковски, Пилов, Т. Мичковски, Мечкарски, Бојчовски, Трајановски и Буровски, додека во 71' во игра влезе Мишовски на местото на Б. Јакимовски.
По ова реми, нашиот тим се наоѓа на 6. место на табелата со 12 бода од 7 одиграни натпревари (3 победи, 3 нерешени и 1 пораз со гол-разлика 11:6), додека Хоризонт Турново е на 4. место со 13 бода. Во следното коло, Малеш игра на домашен терен против Карбинци, во недела, 15 ноември со почеток во 13:30 часот.