
Во натпреварот од 10. коло во Регион 3, одигран во недела на 15 ноември 2026 година со почеток во 13:30 часот, фудбалерите на Малеш на стадионот „Димитар Беровски“ во Берово забележаа победа против екипата на Карбинци со резултат 4:2.
Гостите поведоа уште во 6' со голот на Спиридонов за 0:1, но беровчани брзо одговорија. Веќе во 10' Т. Мичковски израмни на 1:1, а Гошевски во 34' донесе пресврт и предност за нашиот тим од 2:1, резултат со кој се замина на одмор.
Во вториот дел Малеш го зголеми водството во 65', кога Гошевски повторно беше прецизен за 3:1. Гостите намалија во 83' преку Јакимовски на 3:2, а конечните 4:2 ги постави Бојчовски во 88'.
Главен судија на средбата беше Борче Коцев. Почетниот состав на Малеш го сочинуваа Вагадински, Бошначки, Чукарски, Андреевски, Буровски, Гошевски, Пилов, Т. Мичковски, Б. Мичковски, Трајановски и Пачарски. Во игра влегоа и резервистите Бојчовски, Б. Јакимовски, М. Јакимовски и Левков. Единствен опоменат фудбалер кај малешевци со жолт картон беше Пилов во 64'.
По овој натпревар, Малеш се наоѓа на 6. место на табелата со 12 бода од седум натпревари, со биланс од три победи, три нерешени и еден пораз и гол-разлика 11:6. Карбинци останува на 11. место без бодови. Во следното коло, на 22 ноември во 13:30 часот, беровчани му гостуваат на тимот на Слога 1934.